Со учениците од СУГС „Никола Карев“ Скопје денеска започна националниот проект и хакатон-серијал „Бизнис предизвик за средношколци 2026“ образовна иницијатива што ги поврзува средните училишта со реалниот бизнис-сектор и им овозможува уште во рана фаза да ги развиваат своите претприемачки, креативни и лидерски вештини.

Националната образовна иницијатива е во организација на Хајделберг бизнис школа – Факултет Скопје, во партнерство со Град Скопје, НЛБ Банка АД Скопје и Елемент ПР. Проектот е замислен како платформа преку која младите уште во средношколските денови ќе добијат можност да размислуваат креативно, стратешки и претприемачки, но и директно да се запознаат со начинот на кој функционира современиот бизнис.

Бизнис предизвикот за средношколци има интерактивен формат што ги става учениците во центарот на искуството. Учесниците ќе работат во тимови, ќе решаваат реални бизнис-предизвици, ќе развиваат идеи и ќе ги претставуваат своите решенија пред претставници од академската заедница и бизнис-секторот.
За најдобрите проекти ќе бидат доделени награди и признанија, 18.000 денари за секој најуспешен училишен проект, по што ќе следи и големото финале на кое еден победник ќе добие финансиска поддршка за основање на стартап. За најуспешните тимови се предвидени и дополнителни можности, меѓу кои германски сертификат за академска извонредност, ваучер за стипендија, покана за Heidelberg Business Bootcamp и приоритетна постапка за упис. Со тоа, проектот не се задржува само на мотивација, туку нуди и јасни следни чекори за учениците кои сакаат понатаму да се развиваат во оваа насока.
Целта на проектот е рано препознавање на талентите, да поттикне развој на претприемачки начин на размислување и да им овозможи на средношколците навреме да го почувствуваат реалниот деловен амбиент. Придобивките за учениците се стекнување искуство во тимска работа, креативно решавање проблеми, презентациски вештини и бизнис-размислување, а истовремено ќе имаат можност да учат од ментори и професионалци кои доаѓаат од реалниот сектор.
Со проект ќе бидат опфатени 12 гимназии, 900 ученици, повеќе од 150 учесници на хакатони и 10 победнички тимови, по што ќе следи и големо финале во кампусот на Хајделберг бизнис школа – Факултет Скопје. По хакатонот во СУГС „Никола Карев“, хакатонот во следните денови ќе продолжи и во гимназиите „Васил Антевски – Дрен“ – Велес, „Кочо Рацин“, „Георги Димитров“ и „Васил Антевски – Дрен“, носејќи го концептот на Future Business Challenge директно до учениците и отворајќи простор тие да се вклучат во еден поинаков, динамичен и практичен образовен процес.
…












