Македонија се соочува со Данска вечерва на „Паркен стадион“, во полуфиналето од квалификациите за СП 2026. Ова ќе биде четврти дуел помеѓу овие две репрезентации, а досега македонските фудбалери имаат една победа, едно реми и еден пораз, при тоа со позитивна гол-разлика.
Историјата на овие судири носи неколку незаборавни моменти. Најсвежиот триумф е од пријателскиот меч на 6 февруари 2013 година во Скопје, кога Македонија ги победи Данците со убедливи 3:0 благодарение на головите на Горан Пандев, Бојан Ибраими и Горан Новески.
Првиот пораз на гости дојде далечната 26 април 1995 година (1:0) во квалификациите за ЕП 1996, но најмногу во сеќавање остана премиерниот официјален дуел на 7 септември 1994 година на “Градски“ во Скопје. Тоа беше првото официјално претставување на Македонија на голема сцена, а противник беше актуелниот европски шампион, Данска. Нашата репрезентација, водена од Панчев, Б. Ѓуровски, Станојковиќ, Најдоски, Чоко Бошковски и Бабунски, тогаш покажа дека може да се носи со најдобрите.
Атмосферата на трибините беше магична, над 22.000 гледачи го преплавија стадионот. И уште во четвртата минута, Митко Стојковски донесе водство од 1:0, и секој шут и секој пас се чувствуваа како земјотрес во “Градски“. Се чини невозможно за описи, оној кој бил таму, никогаш нема да го заборави тој момент.
Македонија ја држеше предноста, но драмата дојде со контроверзниот судиски момент, Марио ван ден Енде види лакт на капитенот Панчев и нашите останаа со играч помалку. Сепак, храброста и дисциплината беа на високо ниво до 86.минута, кога Данците преку Поулсен израмнија на 1:1, оставајќи го стадионот во тензична тишина.












