Белата куќа тврди дека разговорите со Иран продолжуваат и покрај шпекулациите дека преговорите се во ќор-сокак, додека од Вашингтон пристигнуваат остри пораки за можни понатамошни чекори.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави дека дијалогот со Техеран не е прекинат и дека процесот дава резултати.
– Разговорите продолжуваат. Тие се продуктивни и продолжуваат – рече Ливит на прес-конференција.
Таа посочи дека има делумна вистина во медиумските извештаи за американски предлог од 15 точки, но нагласи дека дел од информациите не се целосно точни.
Според неа, САД се блиску до исполнување на главните цели на воената операција „Епски бес“, која, како што рече, се одвива побрзо од планираното. Таа истакна дека американската војска постигнува значајни резултати и дека капацитетите на Иран се сериозно ослабени.
– Погодени се повеќе од 9.000 цели, а нападите со балистички ракети и дронови се намалени за околу 90 проценти – изјави Ливит, додавајќи дека се уништени и голем број ирански поморски капацитети.
Ливит нагласи дека амбициите на Иран за развој на нуклеарно оружје се значително намалени, дури и повеќе отколку во претходните операции.
Во однос на можноста за крај на конфликтот, таа рече дека Доналд Трамп се залага за мир, но предупреди дека САД се подготвени за дополнителна ескалација доколку Иран не попушти.
– Доколку Иран не го прифати поразот, претседателот ќе се погрижи да биде погоден посилно од кога било досега – изјави таа.
На прашањето за можноста за испраќање копнени сили, Ливит одговори дека станува збор за хипотетичко сценарио и дека конечната одлука ќе ја донесе претседателот како врховен командант.
…












