Екипите на ЈКП Комуналец Прилеп поставија дополнителен број корпи за отпадоци на Старите и Новите градски гробишта во Прилеп, со цел подобрување на хигиената и одржувањето на просторот.

Од претпријатието информираат дека новопоставените корпи се наменети за одлагање на ситен отпад, додека за чистење околу гробните места и за поголем отпад, граѓаните треба да ги користат контејнерите поставени на повеќе локации на Новите градски гробишта.
Воедно, упатен е апел до посетителите да ги почитуваат правилата за одлагање отпад, со цел зачувување на чистотата и достоинствениот изглед на гробиштата.
Од ЈКП Комуналец нагласуваат дека ваквите активности ќе продолжат и во наредниот период, како дел од редовното одржување на јавните површини и подобрување на комуналните услуги во градот.












