Ракетен напад ја погоди американската база „Принц Султан“ во Саудиска Арабија, при што најмалку 12 американски војници се повредени, потврдија американски претставници. Според информациите, ракетата била испукана од Јемен, што би можело да претставува прв ваков напад од таа територија од почетокот на актуелниот конфликт.
Ескалацијата доаѓа откако јеменските Хути најавија дека би можеле да се вклучат во војната доколку продолжат нападите врз Иран, што дополнително ја зголемува неизвесноста во регионот.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот сè уште не е завршен, посочувајќи дека САД имаат уште бројни цели. Во меѓувреме, државниот секретар Марко Рубио нагласи дека Вашингтон може да ги оствари своите цели без распоредување копнени сили и дека војната би можела да заврши за неколку недели.
Паралелно со воените активности, САД продолжуваат и со дипломатски напори. Специјалниот претставник Стив Виткоф изјави дека се очекуваат разговори со Иран во текот на неделата, при што на маса е мировен план од 15 точки за ставање крај на конфликтот.
Во регионот се засилува и американското воено присуство. Носачот на авиони „УСС Џорџ Х.В. Буш“ се очекува да пристигне во близина на зоната на конфликтот, додека дополнителни над 1.000 војници веќе се распоредуваат. Ситуацијата останува напната, со ризик од понатамошна ескалација.
…












