Полицијата спроведе координирана ноќна акција во скопските општини Карпош и Кисела Вода, при што беа извршени контроли во повеќе угостителски објекти и казина, а констатирани се низа прекршоци и изречени соодветни санкции.
Акцијата се одвивала во периодот од 20:00 до 03:00 часот, со цел одржување на стабилна безбедносна состојба.
„На 27/28.03.2026 во периодот од 20:00 часот до 03:00 часот, на подрачјето на општина Карпош и Кисела Вода полициски службеници од СВР Скопје извршија контроли во повеќе угостителски објекти и казина и презедоа повеќе мерки за одржување на стабилна безбедносна состојба“, информираат од МВР.
Во Карпош биле контролирани шест угостителски објекти и две казина. При контролите, едно лице било лишено од слобода поради поседување дрога, додека три лица биле приведени за утврдување на идентитет. Изречена е и една мерка по Законот за прекршоци против јавниот ред и мир.
Дополнително, полицијата изрекла 37 мерки по Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, а две возила биле подигнати со специјално возило „пајак“.
Во Кисела Вода, пак, полициски службеници во соработка со инспектори од Државниот пазарен инспекторат извршиле контроли во седум казина и седум угостителски објекти.
При тоа, во шест казина биле констатирани прекршоци согласно Законот за пушење, Законот за лична карта и Законот за приватно обезбедување. Исто така, кај еден угостителски објект било утврдено дека нема одобрение за поставување летна тераса, додека кај друг е констатирано пречекорување на работното време.
За сите утврдени неправилности се изречени соодветни мерки, а од полицијата најавуваат дека ваквите засилени контроли ќе продолжат и во наредниот период.
…












