Известувањето од Министерството за внатрешни работи за утврдените пропусти кај полициските службеници веќе е доставено до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, а ќе биде доделено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања.
Вкупно 39 припадници на МВР погрешно постапиле по пријавите за семејно насилство кои досега биле поднесени против Стојанче Јовановски – сопругот на Ивана од Скопје, која на почетокот на март годинава почина по пад од балкон заедно со нивната шестгодишна ќерка Катја.
Пропустите на полициските службеници биле утврдени од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР. „Одделот утврди пропусти во постапувањето на 39 полициски службеници кои постапувале по пријавите за семејно насилство и достави известување до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција“, соопшти МВР.
Од ОЈО ГОКК информираа дека известувањето е веќе примено и ќе биде дадено на постапување на јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по трагичниот настан на 2 март истакна дека во МВР биле евидентирани повеќе пријави за нарушени меѓучовечки односи и физички напади меѓу сопружниците, но сите пријави биле повлекувани од страна на оштетената Ивана, што ја оневозможило понатамошната постапка.
…












