Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска и претседателот на САДУ – Синдикатот на администрацијата и државната управа, Благоја Ралповски, официјално го потпишаа поединечниот колективен договор со кој се предвидува зголемување на платите за 7 проценти, почнувајќи од месец март.
Со овој договор, како што информираат од Министерството, се прави конкретен чекор кон подобрување на статусот и условите за работа на вработените, при што се потврдува институционалната определба за вреднување на трудот и професионалноста.
„Овој акт испраќа јасна порака дека вложувањето во човечкиот капитал е клучен предуслов за силна, ефикасна и одговорна институција. Задоволни и мотивирани вработени значат подобри политики, постабилен систем и посигурна енергетска иднина“, се наведува во соопштението.
Од Министерството додаваат дека ќе продолжат со активности насочени кон градење функционална администрација, која ќе одговори на предизвиците и ќе испорачува резултати во интерес на граѓаните.
…












