Енергетските последици од конфликтите на Блискиот Исток ќе се чувствуваат подолг период, предупреди комесарот за енергија на Европска Унија, Дан Јоргенсен, најавувајќи нов пакет мерки за поддршка на граѓаните и компаниите.
Според него, Европска Комисија подготвува предлог кој вклучува намалување на даноците за електрична енергија и тарифите за пренос, со цел да се ублажи ударот врз домаќинствата и бизнисите.
„Не треба да имаме илузии дека оваа криза ќе биде краткотрајна за енергетските пазари“, изјави Јоргенсен по виртуелниот состанок со министрите за енергетика од земјите членки.
Тој посочи дека од почетокот на кризата, цената на гасот во ЕУ е зголемена за околу 70 проценти, додека цената на нафтата пораснала за 60 проценти. Дополнително, Унијата потрошила околу 14 милијарди евра повеќе за увоз на фосилни горива за само еден месец.
Јоргенсен ги повика земјите членки на координиран пристап, нагласувајќи дека мерките треба да бидат прецизно насочени и привремени.
Воедно, тој упати апел за намалување на потрошувачката, особено на нафта и воздухопловно гориво, што практично значи и препорака за поретко патување. Според најавите од Брисел, ваквите чекори се неопходни за справување со кризата и стабилизирање на енергетските пазари во наредниот период.












