Во рамки на официјалната работна посета на Париз, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари низа значајни средби со француските официјални претставници, насочени кон продлабочување на билатералните односи и унапредување на економската соработка.
Најзначајната средба се одржа со министерот делегиран за Европа, Бенџамин Адад, каде двајцата соговорници ја потврдија потребата од интензивирање на политичкиот дијалог и зајакнување на соработката на владино ниво. Во фокусот беше економската соработка, но особено внимание беше посветено на евроинтеграцијата, која според Муцунски, останува врвен приоритет на Владата на Република Македонија. Тој нагласи дека Реформската агенда во комбинација со Планот за раст се клучни за забрзан напредок кон Европската Унија, со мерит-систем како основа за процесот.
Министрите исто така истакнаа дека Македонија игра важна улога како фактор на безбедност и стабилност во регионот, и разговараа за актуелните предизвици на регионално, европско и глобално ниво.
Во продолжение на посетата, Муцунски имаше средби и со советниците на претседателот Емануел Макрон, Бертран Бушвалтер и Алексис Дутертр, одговорни за европските прашања и односите со Турција. На овие разговори се разменуваа мислења за европската интеграција и за тековните случувања во регионот и пошироко во Европа.
Посебен момент од посетата беше средбата со директорот на Националниот институт за јавни служби на Франција (INSP), Жером Филипини, при што беше потпишана Декларација за намери помеѓу двете институции. Ова отвора нови перспективи за соработка во обуката и професионалниот развој на високи државни службеници и дипломати од Македонија, со цел унапредување на нивните компетенции и практики во јавната служба.












