Американскиот претседател Доналд Трамп повторно предизвика дипломатска бура со коментарите за францускиот претседател Емануел Макрон и неговата сопруга. Во обраќањето до нацијата во среда, Трамп тврдеше дека Макрон е „злоупотребуван од сопругата“ и дека едвај се опоравил од „ударот со десната рака во вилицата“. Освен тоа, Трамп обвини дека Макрон одбил да испрати француски бродови за да им помогне на САД да го отворат Ормутскиот теснец во Персискиот Залив.
Реакциите во Франција беа остри. Претседателот Макрон оцени дека изјавите на Трамп не се „ниту елегантни, ниту соодветни“, додека Јаел Брон-Пивет, претседателка на францускиот парламент, нагласи дека светот се соочува со кризи од кои зависи животот на милиони луѓе, а во исто време американскиот претседател „се смее и им се потсмева на другите“.
Мануел Бомпар, пратеник од левичарската партија „Франција Овоена“, исто така остро ја осуди реториката на Трамп. „Може да имам разлики со претседателот Макрон, но тоа што Трамп зборува така за него и за неговата сопруга е апсолутно неприфатливо“, изјави тој.
Според Трамп, Макрон му рекол дека Франција може да испрати бродови „кога ќе се добие војната“, што американскиот претседател го одбил со категорично „не, не, не ми требаат тогаш, Емануел“. Макрон, од своја страна, потврди дека Франција „не била консултирана“ за започнување војна од страна на САД и Израел против Иран и дека „не учествува“ во такви активности.












