Започна новата фаза на обновување на улицата „Ленинова“ во Општина Центар, со што над 600 метри од сообраќајницата ќе добијат модерен и безбеден изглед. Реконструкцијата ја опфаќа делницата од булеварот „Партизански одреди“ до Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, при што работите се концентрирани на потегот до улицата „Наум Наумовски Борче“.
За непречено спроведување на градежните активности, е воведен привремен сообраќаен режим: едната половина од коловозот е затворена, додека сообраќајот се пренасочува по другата страна. Проектот е поделeн во неколку фази, при што делови од улицата ќе бидат целосно затворени за асфалтирање, а возилата ќе бидат пренасочувани по околните улици. Жителите ќе имаат обезбеден пристап до своите домови, додека движењето ќе биде регулирано со помош на изведувачот, со непречено пропуштање на интервенциски возила.
„Со оваа реконструкција ја продолжуваме трансформацијата на улицата, што ја започнавме со првиот дел. Предвидено е уредување на коловозот, тротоарите, пешачките патеки, поставување велосипедска патека и обновување на зелените површини, со што ќе се создаде поуреден и побезбеден простор за сите учесници во сообраќајот“, истакна градоначалникот Горан Герасимовски.
Првиот дел од улицата „Ленинова“ беше обновен во 2023 година, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тогаш беа поставени нов асфалт, современа водоводна и атмосферска канализација, реконструирани тротоари, ЛЕД-осветлување и воведен резидентен паркинг, што значително ја подобри функционалноста и безбедноста на овој дел од градот.












