Ирачката нафтена компанија Басра Оил соопшти дека може во рок од неколку часа да ја зголеми дневната продукција на два милиони барели, што би значело обновување на приближно половина од предвоените капацитети.
Државната компанија за трговија со нафта, SOMO, претходно оваа недела објави дека сите терминали за истовар се во функција и дека може неограничено да ја испорачува нафтата според договорите. Ирак е втор најголем производител во Организацијата на земјите извознички на нафта (OPEC), со предвоена дневна продукција од околу 4,3 милиони барели и извоз од 3,4 милиони барели.
Извршниот директор на Басра Оил, Басем Абдул Карим, истакна дека компанијата може целосно да ги нормализира испораките во рок од една недела, под услов да заврши војната и да се обезбеди безбеден транзит низ Хормушкиот теснец. Иран веќе го класифицираше Ирак како „пријателска“ земја, чиј транспорт низ теснецот е дозволен, заедно со Кина, Русија, Индија и Пакистан.
Производството во Ирак во март падна на околу 800 илјади барели дневно, а нормализираниот извоз се очекува да придонесе за опоравок на економијата.
Ирачките власти исто така потврдија отворање на воздушниот простор, со сите комерцијални коридори и аеродроми кои стапуваат веднаш во функција. Просторот беше затворен пред неколку недели поради американско-израелските напади врз Иран и иранските одмазднички акции.
Двете страни, Вашингтон и Техеран, минатата недела постигнаа договор за двонеделно примирје, со посредство на Пакистан, што овозможува бродовите повторно да пловат низ Хормушкиот теснец во координација со иранската морнарица.












