Иако во голем дел од Европа се бележи стагнација на платите и ограничени можности за квалитетно вработување, Швајцарија и натаму се издвојува како една од најатрактивните дестинации за работа. Според податоците на EURES, во моментов се достапни околу 20.000 отворени работни позиции, а платите во одредени сектори достигнуваат и до 11.000 евра месечно.
Зголемената побарувачка за работна сила се должи на стабилната економија и стареењето на населението, што создава дополнителен притисок врз пазарот на труд. Најголем недостиг има во здравствениот сектор, каде што се бараат лекари специјалисти, медицински сестри, техничари и друг медицински персонал.
Истовремено, расте и потребата од работници во индустријата и техничките занимања, како машински оператори, металопреработувачи и столари, но и експерти во фармацевтската и радиолошката област.
Поголемиот дел од работните можности се концентрирани во економски развиени региони како Цирих и централниот дел од земјата, каде што работодавачите нудат различни форми на вработување. Просечната месечна плата изнесува околу 7.400 евра, додека во ИТ секторот може да достигне и над 9.700 евра. Највисоки примања се забележуваат во финансискиот и осигурителниот сектор, каде што платите достигнуваат до 10.800 евра.
Сепак, пристапот до швајцарскиот пазар на труд останува предизвик. Работните позиции најчесто бараат високо образование, релевантно искуство и познавање на јазици, особено германски. Дополнително, потребни се дозволи за работа и престој, чии услови зависат од видот на вработување.
И покрај овие услови, Швајцарија и понатаму важи за една од најпривлечните земји за работа во Европа, нудејќи високи примања и стабилна економска средина за оние кои се подготвени да се прилагодат на локалниот пазар.












