Католиците од православен обред, кои се дел од Католичката црква во Македонија, денеска го прославија празникот Воскресение Христово – Велигден.
Централната велигденска литургија се одржа во катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица, каде што Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор Киро Стојанов, служеше света архиерејска литургија. Со него сослужуваа свештеници од епархијата.
Претходно беше отслужена Воскресна утрена во дворот на катедралната црква, по што следуваше процесија и обред на отворање на вратите на храмот.
Во својата велигденска проповед, епископот Стојанов истакна дека Христовото Воскресение ѝ дава нова смисла на историјата на човештвото и на историјата на спасението, нагласувајќи дека животот на верниците се одвива помеѓу две централни вистини на верата – Христовото Воскресение и Неговото повторно доаѓање во слава.
Тој порача и дека секоја генерација го наследува сведоштвото што го оставаат претходните, што, како што рече, претставува и одговорност и можност за автентично живеење на Евангелието и за сведочење на воскресната надеж во секојдневниот живот.
…












