петок, октомври 2, 2026
No Result
View All Result
bulevar.mk
  • Македонија
  • Економија
  • Република
  • Балкан
  • Свет
  • Црна Хроника
  • Скопје
  • Технологија
  • Магазин
  • Спорт
  • Македонија
  • Економија
  • Република
  • Балкан
  • Свет
  • Црна Хроника
  • Скопје
  • Технологија
  • Магазин
  • Спорт
No Result
View All Result
bulevar.mk
No Result
View All Result
Home Балкан

Во Косово повлечени млечни производи по наоди за палмино масло, дел од брендовите се извезувале и во Македонија

by Redakcija
20.08.2026
in Балкан

Косовските институции во изминатите две недели спроведуваат засилени контроли на млечните производи на тамошниот пазар, откако лабораториски анализи покажале неправилности кај повеќе производи на еден производител, вклучително и присуство на растителни масти, палмино масло, млеко во прав и скроб кои не биле соодветно наведени на декларациите.

Случајот привлече поголемо внимание откако Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово презеде мерки против операторот Абразен (Abrazen), поврзан со млекарницата Вита (Vita), и нареди повлекување на 12 производи од пазарот.

Според објавените наоди, меѓу анализираните производи имало и четири примероци од производи што се продавале како млеко. Кај два од нив било утврдено присуство на палмино масло, додека кај други два било пронајдено млеко во прав кое не било наведено во декларацијата.

Како дел од понатамошната проверка, косовското Министерство за земјоделство објави повеќе детали за случајот. Меѓу именуваните производи се најдоа My Cow, Land и Garden Milk, а во пошироките инспекциски контроли биле опфатени и производи под други трговски марки.

Кај Garden Milk, според објавените информации, покрај растителна маст било утврдено и недекларирано млеко во прав. Истовремено, инспекцијата констатирала дека операторот произведувал и 26 производи со растителна содржина надвор од одобрениот опфат на својата дејност, по што производството било запрено до обезбедување на потребното одобрение.

По лабораториските наоди, контролите се преселиле и во маркетите низ Косово. Повеќе од осум инспекциски екипи контролирале продавници во Приштина, Призрен, Митровица, Пеќ, Липљан и Штимље. Во една од акциите од продажба биле повлечени вкупно 5.278 единици млечни производи.

Меѓу производите идентификувани при овие контроли биле Holla Barista, My Cow, кремови на Bylmeti, Drena и Milket, како и Bianco. Централите на трговските синџири добиле налог спорните производи да бидат отстранети од продажба.

Контролите продолжиле и во Приштина, Гњилане, Подуево, Косово Поле, Обилиќ и Сува Река, каде биле отстранети дополнителни производи, меѓу кои Vita Schmand, Holla Cooking Cream, Holla Barista и производи на Drena и Bylmeti.

Косовските власти најавија и казни за операторите кои нема навремено да ги отстранат производите за кои е издадена забрана за продажба. Случајот, според најавите на надлежните, треба да биде доставен и до Обвинителството за понатамошно разгледување.

Од Vita, пак, ги оспорија дел од толкувањата што се појавија во јавноста. Компанијата истакна дека во анализираните примероци од млекото што директно се продава под брендот Vita не било утврдено присуство на палмино масло. Ова е важна разлика во случајот каде дел од спорните производи се други трговски марки произведувани од истиот оператор, а не самото млеко што на пазарот се продава под брендот Vita.

Случајот, сепак, има и важна врска со Македонија.

Во документацијата објавена од косовското Министерство за земјоделство се наведува дека My Cow бил извезуван во Македонија и Црна Гора, додека Land бил извезуван во Македонија. Поради тоа, косовските власти побарале дополнително да се проверат сертификатите, лотовите, количините и дестинациите на извезените производи.

Тоа потврдува дека производи од овие брендови биле извезувани кон македонскиот пазар, но засега не потврдува дека токму лотовите кај кои биле утврдени неправилности во Косово биле увезени или продадени во Македонија.

За да се утврди тоа, потребни се податоци за конкретните серии и количини што биле извезени, како и нивно споредување со производите кај кои косовските лаборатории ги утврдиле неправилностите.

Во јавноста се’ уште нема достапни информации за изјаснување на македонската Агенција за храна и ветеринарство во кое се наведуваат My Cow, Land, Abrazen или Vita во врска со овој случај, ниту јавно објавени информации за конкретни лотови, лабораториски анализи или евентуално повлекување на производи од македонскиот пазар.

Случајот во Косово во меѓувреме прерасна од поединечни лабораториски наоди во поширока контрола на млечниот сектор, со повлекување производи од маркетите и најавени дополнителни мерки. Додека надлежните институции го следат случајот и ги утврдуваат сите факти, за потрошувачите ова можеби е и потсетник дека при следното одење во маркет вреди уште еднаш да погледнат кон домашните македонски производи и производители чиј квалитет го познаваат и на кои со години им ја даваат својата доверба.

…

Related Posts

Софија подготвува голем пречек за останките на цар Самуил

02.10.2026

Германија до ЕУ: Балканот не може бескрајно да чека

02.10.2026

Становите во Хрватска за една година поскапеа 12,7 отсто

01.10.2026
(ВИДЕО) ШПИОНСКИ СКАНДАЛ ВО СРБИЈА: Уапсени две жени под сомнение дека предавале податоци за припадници на БИА на албанската разузнавачка служба

(ВИДЕО) ШПИОНСКИ СКАНДАЛ ВО СРБИЈА: Уапсени две жени под сомнение дека предавале податоци за припадници на БИА на албанската разузнавачка служба

30.09.2026

Борисов: Ќе ги добиеме останките на Самоил, но никој не кажува што даваме за возврат

30.09.2026

ВИДЕО: Инцидент во Србија – приведен градоначалникот на Белград

29.09.2026

Препорачани Вести

Голема полициска акција – Уапсени 10 лица низ цела Македонија

3 месеци ago
(ФОТО и ВИДЕО) АПОКАЛИПТИЧНИ СЦЕНИ ОД ЊУ ЈОРК: силната снежна бура ги затрупува улиците и зградите

(ФОТО и ВИДЕО) АПОКАЛИПТИЧНИ СЦЕНИ ОД ЊУ ЈОРК: силната снежна бура ги затрупува улиците и зградите

8 месеци ago

Популарни Вести

  • Софија подготвува голем пречек за останките на цар Самуил

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Германија до ЕУ: Балканот не може бескрајно да чека

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Мицкоски по приемот кај Трамп: Македонија и САД, сојузништво засновано на доверба, поддршка и пријателство

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Куќите на иднината нема да се градат како денес: Овие материјали веќе постојат

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Трамп со нова програма за децата: 1.000 долари како почетен влог за иднината

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Македонија
  • Економија
  • Република
  • Балкан
  • Свет
  • Црна Хроника
  • Скопје
  • Технологија
  • Спорт
  • Импресум

Булевар.мк © 2025 Сите права се задржани.

No Result
View All Result
  • Македонија
  • Економија
  • Република
  • Балкан
  • Свет
  • Црна Хроника
  • Скопје
  • Технологија
  • Магазин
  • Спорт

Булевар.мк © 2025 Сите права се задржани.