Системот „Безбеден град“ од денеска, 12 октомври, функционира и на подрачјето на СВР Охрид. Околу 40 камери ќе го надгледуваат сообраќајот во Охрид, Струга, Кичево, Дебарца и Дебар, како и на повеќе фреквентни патни правци.
Камери се поставени на делниците кон Струга, Дебар и граничниот премин Ќафасан, на правецот кон Свети Наум и кон туристичките населби и плажите. Со видеонадзор е опфатена и автопатската делница Охрид – Кичево.
Според објавените информации, системот ќе регистрира пречекорување на дозволената брзина, непрописно паркирање и поминување на црвено светло. Од СВР Охрид очекуваат неговата примена да придонесе за помалку прекршоци и сообраќајни несреќи.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димовски, ги повика возачите да ги почитуваат ограничувањата и сообраќајните правила. Тој порача системот да се гледа како партнер во заштитата на животите на сите учесници во сообраќајот.
Надлежните очекуваат засилената контрола да ја подобри безбедноста, особено на прометните делници и во туристичките зони.
…











