Влезот на поранешниот хотел „Дајти“ во Тирана бил зафатен од пожар откако демонстранти фрлале молотови коктели кон објектот, објавија албанските медиуми. Истовремено, припадници на специјалната полициска единица РЕНЕА биле распоредени за обезбедување на зградата на премиерот, во услови на продолжени судири во албанската престолнина.
Според „Коха јоне“, пожарот кај „Дајти“ избувнал вечерва, 17 октомври, за време на антивладините протести. И порталот ВНА известува дека кон зградата биле фрлани молотови коктели, по што пламен го зафатил влезниот дел.
Објавените информации засега се однесуваат на пожар на влезот, без потврда дека е уништен целиот објект.
Поранешниот хотел денес се користи како објект на Банката на Албанија. Зградата и претходните денови била цел на напади. А2 Си-ен-ен на 14 октомври извести за обиди за кршење на безбедносните камери и стаклата на главниот влез, во текот на тогашните судири на булеварот „Дешморет е Комбит“.
Во меѓувреме, според ЦНА, РЕНЕА ја презела заштитата на зградата на премиерот. Припадниците биле распоредени пред објектот откако демонстрантите се повлекле од булеварот и се упатиле кон други улици што водат кон плоштадот „Скендербег“.
Денешните немири се случуваат на петтиот ден од масовните студентски протести, на кои се бара оставка од премиерот Еди Рама. Незадоволството е поврзано со условите во образованието, недостигот од работни места и обвинувањата за корупција.
Ројтерс известува за нова ескалација пред Министерството за образование. Новинарите на агенцијата забележале полициско пукање кон толпата, пронашле гумени зрна на земјата, а погодени биле и двајца нивни новинари и повеќе демонстранти. Во судирите биле употребувани и солзавец и водени топови, додека дел од демонстрантите фрлале камења и запаливи средства.
Шефот на албанската полиција, Скендер Хита, соопштил дека седум полицајци се суспендирани и се соочуваат со дисциплински истраги поради пречекорување на овластувањата и непочитување на принципот на пропорционалност при постапувањето со демонстрантите. Полицијата и Владата ги осудиле насилствата и повикале на смирување на состојбата.











