Шпанскиот механичар Педро Бастида детално го прегледал електричниот теренец „Шаоми YU7“ и упатил пофалби за неговата конструкција, материјалите и завршната обработка. По прегледот, тој порача дека кинеските автомобили од високата класа стануваат сериозна конкуренција за европските производители.
Бастида го подигнал возилото на дигалка за да ги провери деловите што купувачите обично не ги гледаат при посетата на автомобилски салон. Посебно внимание посветил на системот за потпирање, споевите на каросеријата, заварувањето, заштитата на подвозјето и конструкцијата околу батеријата.
„Завршната обработка е толку добра, автомобилот е толку цврст, а материјалите… Неверојатен е“, изјавил механичарот.

При прегледот ги истакнал прецизноста на споевите, цврстината на точките за прицврстување и употребата на алуминиумски легури за намалување на тежината. Според неговата оценка, изработката може да се спореди со стандардите што се очекуваат од европските премиум-марки.
Особено го изненадило тоа што зад автомобилот стои компанија која до неодамна беше препознатлива првенствено по мобилни телефони и друга потрошувачка електроника.
„Тоа е ‘Шаоми YU7’, истата марка што произведува мобилни телефони. Но погледнете го квалитетот на нивните автомобили. И по изгледот и по конструкцијата, ова е прекрасен автомобил“, порачал Бастида.
Механичарот ги прегледал и погонските оски, задниот систем за потпирање и воздушната суспензија. Пофалби упатил и за подницата и заштитата на батерискиот склоп, оценувајќи дека при нивната изработка е посветено големо внимание на деталите.
„Пристигнуваат кинески автомобили од високата класа. Бидете внимателни, бидејќи овој е неверојатен“, предупредил тој.
Моделот YU7 се нуди во повеќе изведби. Според наведените податоци, верзијата „Max“ развива околу 690 коњски сили, со што се позиционира како конкурент и на спортските електрични теренци.
За одредени изведби, „Шаоми“ наведува досег до 835 километри според кинескиот тест-циклус CLTC. Бидејќи тој се разликува од европскиот WLTP, оваа бројка не треба директно да се споредува со досегот што европските производители го објавуваат според својот стандард.
…











