Во текот на ноември започнува примената на промени во платните налози, ознаките за целта на плаќањето и начинот на означување на платежните сметки, информира Македонската банкарска асоцијација.
За граѓаните и компаниите, најважно е дека постојниот број на сметката останува ист. При плаќање ќе се користи ИБАН-формат, односно пред постојниот број ќе се додава ознаката „МК07“. Приспособувањето во електронското и мобилното банкарство ќе го спроведат банките.
Со промените се воведуваат нови стандардизирани платни налози, кои ќе ги заменат досегашните обрасци ПП10, ПП30, ПП40, ПП50 и ПП53. Новите налози ќе се користат и во хартиена и во електронска форма.

Ќе се менуваат и шифрите за целта на плаќањето. Наместо досегашните нумерички шифри, ќе се применуваат четиризнаковни ознаки, наменети за попрецизно наведување на намената на трансакцијата и подобра обработка на податоците.
Кај компаниите што користат автоматизирана размена на налози, сметководствени програми или други интегрирани решенија може да бидат потребни софтверски приспособувања. За потребните чекори, банките ќе ги информираат своите клиенти во согласност со законските рокови и насоките од регулаторот.
Според Асоцијацијата, измените произлегуваат од Законот за платежни услуги и платни системи и подзаконските акти на Народната банка. Нивната цел е модернизација на домашниот платен промет и поефикасна обработка на платежните трансакции.
…











