Сопствениците на станови и деловни простории би добиле поедноставна постапка за приватизација на државното земјиште под нивните згради, според предложените измени на Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште.
Предлогот предвидува етажните сопственици да можат да го приватизираат земјиштето што во Катастарот е заведено како земјиште под зграда, без да доставуваат геодетски елаборат за формирање градежна парцела.
Со измените се уредуваат и случаите кога на една градежна парцела се наоѓаат повеќе објекти со различни сопственици. Во такви ситуации, државното земјиште би можело да се приватизира во сосопственост, а надоместокот да се распредели според законските критериуми.

Предвидено е и повторно отворање рок од една година за поднесување пријави до Катастарот за претворање на правото на користење на одредено неизградено градежно земјиште во право на сопственост.
Предлог-законот е поднесен од Владата и денеска, 20 октомври, се разгледува во прво читање во собраниските комисии за финансирање и буџет и за законодавно-правни прашања. Предложените промени сè уште не се усвоени.
…











