Цените на горивата и мазивата за лични превозни средства во Европската Унија во септември биле повисоки за 31,4 проценти во споредба со истиот месец од 2025 година, според податоците на Евростат.
Податоците покажуваат забрзување на годишниот раст на цените. Во јули зголемувањето изнесувало 16,9 проценти, во август достигнало 23,8 проценти, а во септември надминало 31 процент.
Најголемо годишно поскапување е забележано во Бугарија, каде што цените пораснале за 42,2 проценти. Следуваат Естонија со 40,6 и Литванија со 40,2 проценти. Во уште 12 земји членки растот надминал 30 проценти, движејќи се од 30,3 проценти во Португалија до 37,5 проценти во Чешка.

Најнизок годишен раст имала Унгарија, од 6,9 проценти, по што следуваат Ирска со 17,7 и Шведска со 19,9 проценти.
Поскапување е забележано и на месечно ниво. Во септември, во споредба со август, дизелот во ЕУ поскапел за 5,9 проценти, а бензинот за 6,7 проценти. Претходниот месец дизелот забележал раст од 8,3 проценти, додека бензинот поскапел за 3,3 проценти.
Цената на дизелот во септември пораснала во 26 земји членки. Најголемо месечно зголемување имало во Шведска, од 12,8 проценти, Латвија со 10,3 и Полска со 9,7 проценти. Најмал раст е регистриран во Шпанија, од 2,4 проценти, Хрватска со 2,5 и Романија со три проценти.
И бензинот поскапел во 26 земји. Најизразен раст повторно имала Шведска, од 13,8 проценти, пред Полска со 9,7 и Естонија со 9,5 проценти. Најмало месечно поскапување е забележано во Кипар, Романија и Словенија.
Исклучок е Малта, каде што цените на дизелот и бензинот останале непроменети од 2020 година.
…











