Петнаесетгодишно момче од тетовско Боговиње завршило во болница со прострелна рана во стомакот, откако, според изјава дадена во полиција, од невнимание бил испукан куршум од пиштол што го носел друг малолетник.
Според информациите од МВР, случајот бил пријавен вчера во 14:10 часот, кога од Клиничкиот центар Тетово ја известиле полицијата дека кај нив е донесен повредениот 15-годишник.
Подоцна во Полициската станица Тетово се самопријавиле С.М. (42) и неговиот 16-годишен син, двајцата од Боговиње. Тие предале пиштол со една празна рамка.
Таткото изјавил дека настанот се случил околу 13:45 часот во Боговиње. Според неговото кажување, пиштолот го носел неговиот малолетен син, а до испукување на еден куршум дошло од невнимание.
Околностите под кои било употребено оружјето се предмет на понатамошно утврдување.
На местото бил извршен увид во присуство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово и претставници на Центарот за социјални работи Тетово.
Шеснаесетгодишникот е задржан за понатамошна постапка. Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот, по што ќе следува соодветна пријава.
Во соопштението не се наведени дополнителни информации за здравствената состојба на ранетото момче.











