Седум држави, 2.700 километри и 27 дена исполнети со нови предизвици, средби и доживувања. Велешаните Коста Тахов и Баже Миров ја завршија велосипедската тура околу Јадранското Море, која ја започнаа и ја завршија во својот роден град.
На патувањето тргнале на 17 септември во шест часот наутро, а во Велес се вратиле на 14 октомври во 16 часот. Возеле гравел-велосипеди, посетиле бројни крајбрежни градови, а дел од маршрутата поминале со траект и катамаран.

Идејата се родила повеќе од една година пред поаѓањето. Првично планирале да патуваат напролет, но авантурата ја реализирале наесен. За Тахов, привлечноста на кружните тури е во постојаното откривање нови предели, без враќање по истата делница. Покрај физичката подготвеност, како особено важна ја издвојува и психичката подготовка за повеќенеделно патување.
Од Велес се упатиле кон Струга и граничниот премин Ќафасан, а потоа преку Елбасан стигнале во Драч. Оттаму со траект заминале за Бари, од каде што продолжило нивното возење низ Италија.

Маршрутата ги водела низ Фоџа, Анкона, Венеција и Трст. Патувањето носело и непланирани заобиколувања поради оштетени патишта и делници во изградба. Во Италија престојувале и кај велосипедисти со кои претходно се поврзале преку интернет, а Венеција ја разгледале пеш, бидејќи во старото градско јадро не е дозволено движење со велосипед.
Преку Словенија ги посетиле Копер и Изола и возеле по дел од познатата велосипедска патека „Парензана“. Потоа продолжиле кон хрватското крајбрежје, низ Умаг, Пореч и Пула.
Токму во Пула патувањето добило посебен повод за славење – 21. роденден на Баже. Роденденот му бил на 3 октомври, а изненадувањето пристигнало следниот ден, додека престојувале кај велешанецот Андреј. Неговиот син му донел торта со свеќички.
„Тргнав со 20 години, а се вратив со 21“, раскажува Баже, нагласувајќи дека целта не им била да бркаат бројки, туку да ги видат местата што ги планирале и да уживаат во патувањето.
Од Пула до Задар патувале со катамаран. Така ја избегнале тешката крајбрежна делница покрај Велебит, каде што силната бура, условите за возење и ограничените можности за поставување шатор им биле важни фактори при изборот на маршрутата.
Потоа следувале Шибеник, Сплит, Неум во Босна и Херцеговина и Дубровник. Во Црна Гора минале низ Херцег Нови, Котор, Будва и Бар, а преку Албанија и Скадар се упатиле кон Дебар и враќањето дома.
На патот забележувале и разлики во односот на возачите кон велосипедистите. Според нивното лично искуство, во Италија и Словенија претекнувањето било повнимателно, додека на дел од патиштата во Хрватска и Македонија се чувствувале помалку безбедно. Позитивно ги изненадило однесувањето на возачите во Албанија.
Најтешките временски услови ги дочекале при враќањето во Македонија. Кај Маврово температурата се спуштила до нула степени, а по студеното спуштање кон Гостивар следувале дожд и ветер. Околу 60 километри возеле на дожд, кој ги придружувал до Скопје.
Додека ги средуваат впечатоците од речиси едномесечната авантура, веќе размислуваат за следните патувања. Баже, кој претходно со Коста возел до Неа Каликратија и низ Источна Македонија, како следна посакувана дестинација го споменува Истанбул.










