На фасадата на манастирската црква „Пресвета Богородица Елеуса“ во Вељуса, недалеку од Струмица, се наоѓа препознатлив крст изработен од мали црвени тули. Познат како Вељушки или Македонски крст, овој орнамент е дел од црковното и културното наследство на Македонија.
Неговата форма се заснова на двочлена плетеница, обликувана во крст со краци со еднаква должина. Преплетувањето создава сложен геометриски украс, во кој крстот е вклопен во квадратна композиција.
Црквата „Пресвета Богородица Елеуса“ е изградена во 1085 година, а нејзин ктитор бил тогашниот струмички епископ Емануил. Имињата на мајсторите што го изработиле крстот на фасадата останале непознати.

Вељушкиот крст има значајно место и меѓу обележјата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Негови претстави се вклучени во црковниот грб, на бордурата на плаштот, каде што се повторува 33 пати.
Од украс на средновековната манастирска црква до препознатливо црковно обележје, Вељушкиот крст ја поврзува духовната традиција на Вељуса со современиот идентитет на МПЦ-ОА. Неговата впечатлива изработка е потсетник и на мајсторството со кое биле украсувани средновековните храмови во Македонија.
…











