Полицијата поднесе кривични пријави против 47-годишен маж од Радовиш и неговата 71-годишна мајка од селото Коџалија, поради сомнение за даночно затајување поврзано со приливи од Германија во вкупен износ од 579.015 евра.
СВР Струмица – ОВР Радовиш го сомничи И.Ј. (47) и за „перење пари и други приноси од казниво дело“ и „бесправно градење“. Пријавата е поднесена до Основното јавно обвинителство Струмица.
Според полицискиот билтен, од 29 октомври 2019 до 2 ноември 2021 година, на девизната сметка на А.Ј. (71), за која нејзиниот син бил ополномоштен, биле примени 579.015 евра, односно 35.609.422 денари, од физичко лице од Германија.

Полицијата наведува дека средствата не биле пријавени како приход согласно Законот за данокот на личен доход, со намера да се избегне плаќање данок. При контрола на Управата за јавни приходи бил утврден износ од 3.182.066 денари за неплатен данок со вклучена камата.
Според наводите во пријавата, И.Ј. ги користел средствата за изградба на бесправен недвижен имот и за купување движен имот во земјата, прикривајќи го нивното потекло.
Станува збор за сомневања наведени во кривичната пријава, за кои ќе постапува надлежното обвинителство.
…











