Енергетската транзиција треба да обезбеди почиста енергија и сигурно снабдување, истовремено водејќи сметка за потребите на стопанството и можностите на домаќинствата, порача министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, на Националниот дијалог на патот кон COP31.
На настанот, организиран од Програмата за развој на Обединетите нации – УНДП, учествуваа и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, претставници на институциите и меѓународната заедница. Разговорите беа посветени на енергетската и климатската иднина на Македонија.
Божиновска нагласи дека зголемувањето на производството од обновливи извори мора да биде придружено со инвестиции во модерна електроенергетска мрежа и системи за складирање енергија.

Како приоритети ги издвои и поголемата енергетска ефикасност и електрификацијата на транспортот, греењето и индустријата, во согласност со потребите и можностите на домашната економија.
Посебен акцент министерката стави на работниците и регионите зависни од јагленот. Според неа, праведната транзиција треба да им обезбеди перспектива преку нови инвестиции, преквалификација и можности за економски развој.
Преку Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција, посочи Божиновска, се работи на поврзување на конкретни проекти со меѓународна финансиска и техничка поддршка.
Таа порача дека Македонија на COP31 во Анталија треба да настапи со јасни приоритети и реални решенија за транзиција што ќе ја штити животната средина, ќе ја зајакнува економијата и ќе создава можности за идните генерации.
…











