Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел ќе учествува како делегат во изборот на следниот претседател на Германија, пренесува ДПА, повикувајќи се на германски медиуми.
Меркел ќе ја претставува Христијанско-демократската унија (ЦДУ) од сојузната покраина Шлезвиг-Холштајн. Нејзиното учество се однесува на гласањето во Сојузното собрание, телото што го избира претседателот.
Во него членуваат сите пратеници од Бундестагот и еднаков број претставници избрани од парламентите на 16-те германски покраини.
Според пренесените информации, наследникот на Франк-Валтер Штајнмаер треба да биде избран на 30 јануари 2027 година. Покраините ги избираат своите делегати, додека конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите сè уште немаат договор за заеднички кандидат.
Меркел неодамна се заложи следниот шеф на државата да биде жена. Во интервју за „Магента ТВ“ посочи дека во 77-годишната историја на Сојузна Република Германија ниту една жена не ја извршувала функцијата сојузен претседател.
Таа порача дека треба да се размисли дали конечно е дојдено време за таква промена.
…












