Зголемување на платите за 10 проценти за вработените во Армијата и одбраната е предвидено со Предлог-буџетот за 2027 година, соопшти министерот за одбрана Владо Мисајловски. Буџетскиот предлог е усвоен од Владата и треба да биде доставен до Собранието.
Според министерот, покачувањето ќе ја опфати основната плата, како и останатите компоненти што влегуваат во вкупната плата.
„Платите во Армијата и одбраната се зголемуваат за 10 проценти. Тоа значи историски најголемо зголемување во апсолутна вредност. Се зголемува основната плата, но и сите компоненти што се опфатени во платата“, изјави Мисајловски.
Тој оцени дека најавеното зголемување е резултат на социјалниот дијалог и соработката со синдикатите. Нагласи дека подобрувањето на материјалниот статус на припадниците на Армијата останува меѓу приоритетите на Министерството.
Мисајловски им упати благодарност на премиерот Христијан Мицкоски и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска за поддршката.
Предвиденото покачување е дел од буџетскиот предлог, за кој допрва треба да одлучува Собранието.
..












