Израелски хирурзи од медицинскиот центар „Шиба“ и македонски медицински тимови за една недела извршиле 16 операции и 24 специјалистички прегледи на повредените во трагедијата во Кочани, соопшти Министерството за здравство. По интервенциите, грижата за пациентите ќе продолжи со редовни контроли, медицинска нега и рехабилитација.
Десет операции биле извршени во Општата болница во Кочани, а шест на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје. Интервенциите биле насочени кон реконструкција на шаките и рацете, со цел да се зачува или врати нивната функција и подвижност.
Работната група на Министерството, предводена од д-р Гордана Георгиева, ја координира грижата за секој пациент, од првичната проценка до рехабилитацијата. Од Министерството најавија долгорочна поддршка и им се заблагодарија на лекарите од „Шиба“ и на домашните хирурзи, анестезиолози и медицински сестри што учествувале во интервенциите.
…












