Викендов, на 7 и 8 ноември, можни се привремени прекини или ограничена достапност на дел од банкарските услуги, особено кај платежните трансакции. Македонската банкарска асоцијација соопшти дека сите банки ќе ги приспособуваат своите системи за новите стандарди во денарскиот платен промет, кои ќе почнат да се применуваат од понеделник, 9 ноември.
Точните термини, услугите што ќе бидат опфатени и очекуваното времетраење на ограничувањата ќе ги објави секоја банка во посебно известување до своите клиенти. Од Асоцијацијата ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги следат официјалните известувања на својата банка и навреме да ги планираат плаќањата што треба да ги извршат викендов.
Од понеделник се воведуваат нови платни налози и шифри за намената на плаќањата, а денарските сметки ќе се прикажуваат во ИБАН-формат. Постојните броеви на сметките остануваат исти, а банките ќе го приспособат нивниот приказ и користење во електронското и мобилното банкарство.
…












