Со песни, средби и пораки за зачувување на македонскиот идентитет, во Штип се одржа традиционалната „Егејска вечер“ и семакедонска средба, која веќе три децении ги поврзува Македонците од земјава и од соседните држави.
На манифестацијата се собраа Македонци кои живеат во Грција, Бугарија и Албанија, како и Македонци од Егејска Македонија кои денес живеат во земјава. Средбата е можност за обновување на врските меѓу нив, но и за разговор за прашањата со кои се соочуваат Македонците надвор од државата.
Трајче Димков од Здружението „Мирка Гинова“ од Штип истакна дека целта на годишната средба е да се упати порака за постоењето на Македонците во соседните земји и за потребата од решавање на нивниот статус.
„Целта е да упатиме порака дека постоиме и дека онаа неправда која ни е нанесена е голема и бараме да се реши нашиот статус, односно решавање на статусот на сите Македонци надвор од Македонија“, изјави Димков.
Поранешниот градоначалник на општина Пустец во Албанија, Едмонд Темелко, на средбата обвини дека бугарски здруженија преку хуманитарни активности и бесплатни лекарски прегледи го претставуваат населението во Мала Преспа како бугарско.
„Сега во последно гледаме дека си играат и го злоупотребуваат дури и здравјето на луѓето. Доаѓаат доктори од Бугарија, прават бесплатни прегледи, а потоа го прикажуваат тоа како хуманитарни акции кај бугарското население во Мала Преспа. Реално таму нема Бугари, освен Македонци. Ние знаеме што сме и не треба никој од страна да ни кажува“, рече Темелко.
Тој посочи дека Македонците во Албанија очекуваат наскоро да биде отворен македонски конзулат во Корча. Според него, постои и добра соработка со премиерот Христијан Мицкоски во врска со организирањето низа манифестации.
Архимандритот Никодим Царкњас порача дека македонските власти треба да го отвораат прашањето за положбата на Македонците во соседните земји и пред странските претставници во земјава.
„Во Скопје има амбасадори американски, француски и од други земји од Европа. Треба и премиерот и претседателката да ги повикуваат или да кажуваат што се прави со нашите Македонци во егејскиот и во пиринскиот дел“, рече Царкњас.
„Егејската вечер“ во Штип се организира веќе 30 години, со цел зачувување на македонскиот идентитет и поврзување на Македонците кои живеат надвор од границите на Македонија.
…












