Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, соопшти дека во делови од градот има кризна состојба со водоснабдувањето, откако нов дефект на главната водоводна линија предизвика дополнителни проблеми за жителите на повеќе населби.
Дел од граѓаните веќе околу 40 часа немаат вода за пиење, а поради новата хаварија се очекува прекинот да продолжи уште најмалку 24 часа.
Најпогодени се населбите Железничка, Пребег, Три Чешми, Ново Село, Исар, делови од Сењак и населбата 8 Ноември. Особено тешка е состојбата во повисоките делови на градот, каде што дел од домаќинствата веќе трет ден се соочуваат со недостиг од вода.
Нов дефект веднаш по претходната санација
Според градоначалникот, новата хаварија настанала при обидот за нормализирање на водоснабдувањето, откако екипите на ЈП „Исар“ во изминатите 40 часа работеле на истата водоводна линија.
„Пред неколку минути е настанат дефект на главна водоводна линија која во изминатите 40 часа исто така беше под работни активности на јавното претпријатие ‘Исар’. Дефинитивно имаме кризна состојба на одредени делови во нашиот град“, изјави Јорданов.
Тој најави дека ќе бидат ангажирани сите расположливи капацитети на јавните претпријатија, противпожарната единица и механизацијата за дефектот да биде отстранет што е можно побрзо.
Водоводната линија е стара повеќе од 50 години
Јорданов посочи дека проблемот е поврзан со дотраената водоводна инфраструктура, нагласувајќи дека оштетената линија е стара повеќе од половина век.
Според него, по завршувањето на претходните работни активности, притисокот при повторното пуштање на водата предизвикал нов дефект.
Градоначалникот истакна дека во изминатите пет години биле заменети значителен број водоводни линии во општината, но дека дел од старата инфраструктура и натаму создава сериозни проблеми.
Тој им се извини на граѓаните за непријатностите и најави максимално ангажирање за нормализирање на состојбата.
Флаширана вода за домаќинствата, техничка вода со цистерни
Поради продолжениот прекин, Општина Штип најави организирана дистрибуција на вода во погодените населби.
Волонтери ќе ги посетуваат домаќинствата и ќе доставуваат флаширана вода за пиење, додека техничка вода ќе биде обезбедена преку цистерни.
Локациите на цистерните и пунктовите за вода ќе бидат објавувани на социјалните мрежи.
Од Општината посочуваат дека приоритет е снабдувањето на граѓаните со неопходните количества вода додека трае санацијата.
ЈП „Исар“: Екипите се на терен, имаме резервни делови
Директорот на ЈП „Исар“, Александар Арсовски, информираше дека се мобилизирани сите расположливи човечки и технички капацитети за итно отстранување на дефектот.
Тој нагласи дека претпријатието располага со потребните резервни делови и стручен кадар.
„Поседуваме капацитет, поседуваме резервни делови кои што се потребни за да ја завршиме оваа интервенција“, изјави Арсовски.
Тој потврди дека ќе бидат активирани две нови цистерни за дистрибуција на техничка вода, а паралелно ќе бидат обезбедени и пунктови со флаширана вода за пиење.
Од ЈП „Исар“ апелираат за разбирање додека траат интервенциите на главната водоводна линија.
Засега нема прецизен термин за целосно нормализирање на водоснабдувањето, а надлежните најавуваат дека ќе работат на што побрзо отстранување на дефектот.
…












