Младите брачни парови до 35 години би добиле можност да купат станови по 20 отсто пониска цена, а средствата за студентски оброк би се зголемиле за истиот процент, најави премиерот Христијан Мицкоски.
Тој најави и ослободување од комуналии за младите брачни парови што ќе градат куќа. Според премиерот, целта на трите мерки е младите полесно да го решат станбеното прашање и да ја градат својата иднина во Македонија.
„Сакаме да создадеме подобри услови младите да го решат станбеното прашање, да го започнат својот семеен живот и да ја градат својата иднина тука, во Македонија“, наведе Мицкоски.
Мерките засега се најава. Во објавата на премиерот не се наведени рокови за нивна примена, начинот на финансирање, ниту деталните услови под кои младите ќе можат да ги користат. Не е прецизирано ниту на кои станови би се однесувало најавеното намалување на цената.
Мицкоски во објавата ја опиша Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ како место од кое произлегуваат нови идеи, знаење и идни лидери. Тој порача дека сака Македонија да биде земја во која младите ќе имаат причина да останат, да работат и да создаваат.
Премиерот најави и кампања под мотото „Очи в очи за подобро“, преку која, како што наведе, ќе се организираат директни разговори со граѓаните за нивните проблеми и предлози, за сработеното и за областите во кои се потребни подобрувања.
Во истата објава Мицкоски се осврна и на насилството врз жените, повикувајќи на превенција и силен институционален одговор.
„Насилството не смее да има политичка боја, ниту да биде предмет на партиски пресметки. Потребни се превенција, силен институционален одговор и заедничка општествена одговорност“, порача премиерот.
…











