Сообраќајот на државните патишта во Македонија се одвива непречено, по наместа влажни коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Од таму потсетуваат дека зимската опрема веќе е задолжителна и возачите не треба да тргнуваат на пат без неа.
Обврската за поседување зимска опрема во возилата важи од 15 ноември до 15 март, без оглед на моменталните временски услови.
Според утринските информации на АМСМ, интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Иако патиштата се проодни, возачите треба да бидат внимателни и да ја прилагодат брзината на условите на патот. Од АМСМ предупредуваат на можна појава на одрони на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите.
Посебно внимание се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
На патниот правец Кичево – Охрид, поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива преку девијации со поставена сообраќајна сигнализација. Изменет режим има и на делницата Калишта – Радожда, кај Елен Камен, каде што возилата се пропуштаат наизменично по една сообраќајна лента.
Поради сезонскиот режим, од 17 ноември за сите видови возила е затворен патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица.
Времен режим е воведен и на автопатот А2, на делницата Пресека – Песочан до клучката Арбиново, поради градежни работи и санација на коловозот. Работи се изведуваат и на мостот на реката Тајмишка, на патниот правец Гостивар – Кичево.
На автопатот А1, на делницата Гевгелија – граничен премин Богородица, сообраќајот поради градежни активности е пренасочен на спротивната страна од автопатот, каде што возилата се движат во двете насоки.
Пред поаѓање, возачите треба да проверат дали ја имаат потребната зимска опрема, да ја почитуваат поставената сигнализација и да се информираат за актуелната состојба на патиштата.
…












