Проширувањето на Мрежата на жени во енергетската дипломатија и продолжувањето на иницијативите од првиот Форум за енергетска дипломатија во Скопје беа теми на работната средба на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, со претставници на Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).
Божиновска посочи дека на средбата бил потврден заедничкиот интерес за продлабочување на соработката. Како приоритет ги издвои проширувањето на мрежата и поголемата улога на жените во креирањето на енергетските политики.
Според министерката, со поддршка од УНЕЦЕ ќе продолжи соработката и во областа на енергетската ефикасност, обновливите извори на енергија, праведната енергетска транзиција и одржливото управување со ресурсите.
Божиновска оцени дека ваквите партнерства ѝ помагаат на Македонија да ја зајакне својата улога во регионалната енергетска дипломатија.
…












