Од 1 јануари 2027 година, младите брачни парови до 35-годишна возраст во Општина Пробиштип нема да плаќаат комуналии при изградба на првиот сопствен дом. Од истиот датум, надоместокот за трето и секое наредно новородено дете се зголемува од 8.000 на 15.000 денари, соопшти градоначалникот Тони Тоневски.
Децата од семејства со три или повеќе деца ќе имаат бесплатен престој во градинка, без оглед на месечните примања на родителите. За згрижувачките семејства е предвидена еднократна финансиска поддршка од 10.000 денари.
Бесплатните ортопедски прегледи за деца до 15 години, кои почнаа во 2026 година, ќе продолжат и во 2027 година. Општината ќе обезбеди и бесплатни офталмолошки прегледи за идните првачиња, за навремено откривање проблеми со видот и за родителите да немаат трошоци за патување до соседните градови.
Тоневски посочи дека со мерките општината сака да ги намали трошоците на семејствата и да ги поттикне младите да го градат својот дом во Пробиштип.
…












