Пожарот во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани на 16 март 2025 година и пожарот во барот „La Constellation“ во Кран Монтана на почетокот на 2026 година ги делат 1700 километра, два дијаметрално различно функционални системи, но сепак низа на слични пропусти. За младите луѓе кои сакале да си поминат убаво во тие вечери, појдовната основа на размислување бил иста: кога влегуваат во јавен простор, некој претходно се погрижил тој простор да биде безбеден. Кога таа претпоставка се покажува како погрешна, последиците не се само трагични по животите што се изгубени, туку и длабоко разорни за довербата во институциите.
Заеднички контекст на системска ранливост
И во Кочани и во Кран Монтана, пожарите следат речиси идентичен образец што е одамна познат на стручната, но и општата јавност. Затворен простор, употреба на пиротехнички ефекти во внатрешноста, обложување на плафони и ѕидови со материјали што при горење создаваат токсичен чад и екстремно брзо ширење на огнот, како и ограничени или нефункционални излези. Ова не се неочекувани ризици, туку ризици што со години се идентификувани како високи.
И во случајот на двете трагедии, се покажува дека не се резултат на една изолирана грешка. Напротив, тие најчесто се исход на низа пропусти кои со текот на времето се нормализирале или „прегледале низ прсти“. Во јавната дебата по двата пожари се отворија прашања за тоа дали објектите функционирале во целосна согласност со дозволите што ги имале, дали безбедносните проверки биле суштински или формални и дали институциите навистина комуницирале меѓу себе кога станува збор за ризици.
Овие прашања не се технички детали резервирани за експерти. Тие се суштински затоа што зад секоја дозвола, инспекциски записник или административна одлука стои директна врска со безбедноста на луѓето. Кога системот не успева да ги поврзе тие точки во целина, ризикот останува невидлив сè до моментот кога ќе стане катастрофален.
Дозволата како формалност наместо како жив механизам
Во двата случаи, јавноста брзо дозна дека постоењето на дозвола не значи автоматска гаранција за безбедност. Еден од најважните институционални пропусти што ги поврзува двете трагедии е начинот на кој дозволите се третираат.
Во секојдневната перцепција, дозвола за објект се препознавакако гаранција за исполнување на барем минималните услови за безбедност пропишани со законските норми на државата. Во понатамошната практика, дозволата има вредност само ако е дел од постојан процес на следење, проверка и усогласување со фактичката состојба.
Кога дозволата станува парче хартија која државата само еднаш ја издава, а не обврска што постојано се обновува со реални проверки, таа ја губи својата заштитна улога. Тогаш системот реагира дури откако ќе се случи најлошото, односно лечи наместо да спречи. Во таков контекст, трагедијата се должи на повеќе фактори со помалку и повеќе влијание, но отсуството на жив систем што следи, проверува и коригира ја има клучната тежина во оваа насока.
Надзорот што треба да превенира нема јасен носител на конечна одговорност
Друг заеднички проблем е фрагментацијата на надзорот. И во Кочани и во Кран Монтана, јавноста се соочи со сложена мрежа на институции, инспекции и надлежности. Кога одговорноста е поделена меѓу повеќе актери, често се случува таа да се разлее и да исчезне во административниот простор меѓу нив.
Ова не е проблем на бројот на институции, туку на нивната координација и на јасното дефинирање кој носи конечна одговорност кога нешто ќе тргне наопаку. Кога секој има „свој дел“, а никој целосна слика, системот станува реактивен и почнува да функционира дури по трагедијата. Овој модел создава чувство дека сите формално постапуваат, но никој не чувствува крајна одговорност за исходот.
Контролата што постои на хартија, но не и во суштина
По двата пожари, зборот „контрола“ се појави како централна тема. Но суштинското прашање не беше дали контролите формално постоеле, туку дали тие биле дизајнирани да откријат реален ризик и второ, како да го превенираат да не дојде до непосакувани ситуации.
Кога контролите не навлегуваат во суштинските безбедносни аспекти – материјали, евакуација, капацитет, сценарија за итни случаи – тие престануваат да бидат заштитен механизам и стануваат формалност. Во таков контекст, трагедијата не е изненадување, туку резултат на долготрајна институционална инерција.
Правниот одговор како дел од институционалната порака
Најзначајната разлика меѓу двата случаи се појавува по трагедијата, во начинот на кој правниот систем ја артикулира одговорноста. Во швајцарскиот случај, и покрај утврдените пропусти во надзорот, обвинението е насочено и јасно: фокусот е на конкретните лица што управувале со објектот и на нивната небрежност во однос на загубата на човечки животи. Врската меѓу дејствието и последицата е правно разбирлива и директна.
Во Македонија, обвинителниот акт оди во спротивна насока. Со опфаќање на голем број физички и правни лица и со квалификација што се однесува на „општа сигурност“, одговорноста се распрснува во широка институционална рамка. Наместо јасна кривична линија што ја поврзува конкретната небрежност со смртта на луѓето, се создава комплексен правен лавиринт во кој процесот станува тежок за следење и уште потежок за завршување.
Начинот на кој институциите реагираат по трагедија не ја одредува само судбината на еден предмет, туку и довербата на јавноста во системот. Кога правниот процес е јасен, фокусиран и разбирлив, постои чувство дека трагедијата, иако непоправлива, води кон конкретна одговорност и промена. Кога процесот е долг, сложен и нејасен, чувството кај семејствата и јавноста е дека правдата се оддалечува.
Овој пристап ненаметливо ја поставува дилемата дали правниот одговор навистина ја зајакнува правдата или, напротив, ја разводнува во обид да опфати сè одеднаш.
Заклучок: трагедиите како огледало на системот
На крајот, зад сите правни формулации, институционални анализи и обвинителни акти, остануваат луѓето што ги изгубија своите најблиски. За нив, одговорноста не е апстрактен концепт, туку надеж дека нечија небрежност ќе биде јасно препознаена и дека истата грешка нема да се повтори.
Трагедиите во Кочани и Кран Монтана потсетуваат дека безбедноста не е привилегија, туку обврска што државата ја има кон секој граѓанин. Кога системите потфрлаат, болката ја плаќаат оние што најмалку можеле да се заштитат. Затоа вистинскиот тест за институциите не е само во судските пресуди, туку во тоа дали од овие трагедии ќе произлезе промена што ќе спаси идни животи.










