Енергетските пазари навлегуваат во нова фаза на неизвесност откако од Блискиот Исток стигнуваат сигнали за значително ограничување на нафтеното производство. Главните производители во регионот масовно ги намалуваат испораките, додека виталната морска рута преку Ормутскиот теснец останува практично нефункционална, што дополнително го нарушува снабдувањето.
Според информациите, Саудиска Арабија ја скрати својата продукција од претходните 4,5 милиони барели на околу 2,5 милиони дневно. Обединетите Арапски Емирати ја намалија извозната квота за 500.000 до 800.000 барели на ден, додека Кувајт и Ирак бележат падови од приближно половина милион, односно 2,9 милиони барели дневно. Изворите разговараа под услов на анонимност поради чувствителноста на податоците.
Овој пресврт настанува на фона на ескалирачкиот конфликт во регионот, кој веќе влезе во втората недела и се прошири на повеќе од десетина држави. Како последица на тоа, главните нафтени рути се блокирани, а складиштата брзо се полнат, што дополнително го ограничи извозот.
Реакцијата на пазарите беше брза, цената на „црното злато“ скокна до околу 120 долари за барел во понеделникот. Во вторникот следеше благо намалување откако американскиот претседател, Доналд Трамп, изјави дека постои надеж конфликтот да биде разрешен наскоро. Од Сауди Арамко, пак, засега нема официјален коментар, главниот извршен директор Амин Насер при последниот извештај за профитите одбил да се осврне конкретно на нивото на производство.














