Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска се наоѓа во Париз на работна посета, каде што ќе оствари низа значајни билатерални средби. На агендата на разговорите се вклучени состаноци со Бенџамин Адад, министер за Европа на Француската Република, како и со Бертран Бушвалтер, советник за континентална Европа и Турција на претседателот Емануел Макрон.
Главната цел на разговорите ќе биде унапредување на билатералните односи меѓу Македонија и Франција, како и реафирмирање на француската поддршка за евроинтегративниот пат на нашата држава. Воедно, министрите ќе разменат мислења за актуелните случувања во регионот, Европската унија и пошироко, на глобално ниво.
Посетата ќе го опфати и Националниот институт за јавни служби на Франција (INSP), каде Муцунски ќе се сретне со неговиот директор Жером Филипини. По средбата, двете страни ќе потпишат Декларација за намери која ќе ја означи официјалната соработка меѓу македонското Министерство за надворешни работи и INSP, отворајќи нови перспективи за размена на знаење и искуства во јавната администрација.












