Првата фестивалска вечер во Битола помина во одлична атмосфера, со музика, добро вино и голем број посетители кои уживаа на платото пред Офицерски дом.

Програмата започна со настап на DJ Resident, а продолжи со легендарните „B52“, „Пауза за ракија“ и DJ Carlito.
На фестивалот се претставија 14 винарии со повеќе од 100 различни вина, овозможувајќи им на посетителите да дегустираат и да изберат по свој вкус. Понудата беше збогатена и со разновидни мезе-специјалитети, кои го надополнија гастрономското доживување.

Претставникот на организацијата, Пане Темов, рече дека ова е само почеток и дека целта е фестивалот да стане традиција.
„Идејата ни е ова да прерасне во настан што секоја година ќе носи нешто ново. Ги споивме виното, музиката и дружењето на едно место. Убеден сум дека како ќе поминува вечерта и во следните денови ќе има сè повеќе луѓе, затоа што Битола знае да препознае добар настан“, изјави Темов.

Задоволство од фестивалот изрази и Горан Крстевски од една од винариите.
„Тука сме од првиот ден и ќе бидеме сите три вечери. Ова е одлична можност да ги претставиме нашите вина пред битолчани. Ги поканувам сите да дојдат, да пробаат и да уживаат, и се надевам дека ова ќе стане убава традиција“, рече Крстевски.
Фестивалот продолжува и денес со нова музичка програма. Од 18:00 часот започнува Resident DJ, во 19:30 настапува Lockdown, во 21:00 ќе свири оркестарот „ДИВА“, а вечерта ќе заврши со DJ Гоце Саф од 23:00 до 01:00 часот.
Винскиот фестивал продолжува и во наредните денови, со уште музика, дружење и добро вино.
…












