Повеќе градови во Германија воведуваат построги контроли поради сомнежи за злоупотреби на социјалната помош поврзани со мигранти од Бугарија и Романија, објави германската телевизија ARD.
Според репортажата, криминални групи наводно изнајмуваат станови и живеалишта со многу лоши услови на доселеници од двете земји, при што наплатуваат високи кирии што делумно се покриваат преку германскиот систем за социјална помош.
Во Хаген, град со околу 200.000 жители, живеат приближно 7.000 граѓани од Бугарија и Романија. Според локалните власти, повеќе од половината користат социјални бенефиции, вклучително и средства за покривање на трошоците за сместување, што годишно ја чини општината меѓу 10 и 15 милиони евра.
АРД наведува дека граѓаните на Европската Унија можат да стекнат право на социјална помош и со минимален работен ангажман од неколку часа неделно. Иако германските институции имаат можност да го одземат правото на престој и работа, а со тоа и правото на социјални бенефиции, такви мерки ретко се применуваат.
Во Гелзенкирхен, властите одбиле барања за социјална помош на околу 500 лица од Бугарија и Романија, што претставува секој десетти апликант. Тамошните институции вовеле построги проверки и бараат работниците од ЕУ самостојно да обезбедуваат барем една третина од средствата за живот.
Во Дуизбург, според податоците на АРД, живеат околу 26.000 граѓани од Бугарија и Романија, а 11.000 од нив добиваат помош преку локалното Биро за вработување.
…












