Open AI постигна договор со Владата на Малта со кој на сите жители на државата ќе им биде овозможен бесплатен пристап до услугата ChatGPT Plus во период од една година, објави Reuters.
Според информациите, програмата ќе започне во мај 2026 година, а за да добијат пристап до премиум верзијата на ChatGPT, граѓаните ќе треба претходно да посетат бесплатен курс за користење на вештачка интелигенција.
Од OpenAI велат дека проектот постепено ќе се проширува како што сè повеќе жители на Малта ќе ја завршуваат обуката. Во програмата ќе можат да учествуваат и државјани на Малта кои живеат во странство.
Министерот за економија на Малта, Силвио Шембри, изјави дека целта е вештачката интелигенција да стане практична алатка за секојдневниот живот.
„Претвораме еден непознат концепт во практична помош за нашите семејства, студенти и работници“, изјави Шембри во соопштението на OpenAI.
Малта станува првата држава во светот што започнува ваква национална програма за масовен пристап до ChatGPT Plus и едукација за вештачка интелигенција.
Финансиските детали од договорот не беа објавени.
ChatGPT Plus е платена верзија на популарниот AI сервис, која овозможува пристап до понапредни модели на вештачка интелигенција, побрз одговор и дополнителни алатки за корисниците.












