Со одигрувањето на малото финале и големото финале на 17 мај, беше заокружено четвртото издание на турнирот во мал фудбал во Јегуновце. Турнирот, кој започна на 2 мај, оваа година собра 16 екипи и понуди динамичен фудбал и одлична атмосфера, потврдувајќи дека прераснува во значаен спортско-друштвен настан во општината. Финалниот ден свечено го отвори градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиновски.

Победник на годинашното издание е екипата „Бобе Јуниор“, која го освои првото место и наградата од 100.000 денари. Второто место го освои „Копанце“ со 50.000 денари, третото место му припадна на „Роло Мики Јегуновце“ со 25.000 денари, додека четвртото место го освои „Санлес“ со 5.000 денари. Вкупниот награден фонд изнесуваше 180.000 денари.
Во своето обраќање пред финалните натпревари, Организацијата истакна дека турнирот веќе четврта година по ред ја гради својата препознатливост преку заедништво и посветеност. „Веќе четврта година по ред, Јегуновчани покажуваат дека со посветеност, ентузијазам и заедништво се создава настан кој обединува. На нашите села ваквите собири ни значат многу“, беше посочено во обраќањето.

Организацијата нагласи дека турнирот станува место каде што заедницата се собира и се поврзува: „Оваа година, но и претходните години докажаа дека турнирот во Јегуновце стана вистинско место каде може да се видиме сите, да проследиме фудбал, да се пошегуваме, да понавиваме и уште повеќе да се зближиме“.
Воедно, беше упатена благодарност до публиката, институциите и спонзорите за нивната поддршка и придонес во организацијата на турнирот.
Со ова издание се заокружува четвртата година од одржувањето на турнирот во тетовско Јегуновце, а веќе следната година се очекува мал јубилеј од пет години турнир во Јегуновце, со очекување истиот да блесне во полн сјај и да донесе уште поголема енергија, посетеност и фудбалска возбуда.
…












