Вкупно 556 пензионери со платежни сметки во „АЛТА банка“ АД Битола, кои немаат платежни картички, подигнале средства на шалтерите во битолската филијала на 5 ноември, соопшти Народната банка.
Првично биле планирани околу 400 исплати, а граѓаните биле повикани преку СМС-пораки. Според Народната банка, на шалтерите биле услужени и граѓаните што немале оставено телефонски број за контакт и дошле без да добијат порака.
Корисниците можеле да подигнат до 20.000 денари, колку што изнесува максималниот дозволен износ за повлекување во период од две недели.
Министерството за социјална политика, демографија и млади ги уплатило средствата за социјална помош на сметките во банката. Со тоа, според Народната банка, исплатата за овие корисници може да почне во петок, 6 ноември.
Филијалата во Битола во петок ќе работи во две смени, а ќе биде отворена и во сабота, 7 ноември. Народната банка очекува по завршувањето на подготовките следната недела да се отворат шалтери и во други градови.
…












