Премиерот Христијан Мицкоски денеска во Нови Сад се обрати на свечената академија по повод одбележувањето на „80 години од доселувањето на Македонците во Војводина“, испраќајќи силни пораки за значењето на јазикот, културата и националниот идентитет.
Во своето обраќање, Мицкоски истакна дека народот кој ги чува своите корени никогаш не се губи, народот кој го негува својот јазик никогаш не останува без дом, а народот што ја зачувува својата култура секогаш има сигурна иднина.
Тој нагласи дека идентитетот не се зачувува сам по себе, ниту јазикот може да опстане без посветеност и грижа. Според него, за едно име да се одржи низ осум децении потребни се генерации луѓе кои одбиваат да заборават кои се и од каде потекнуваат.
„Потребни се родители кои дома го зборуваат мајчиниот јазик, учители кои ја пренесуваат традицијата, културни работници, духовници и сите оние кои организираат културни настани, фестивали, изложби и академии. Народ без култура е народ без меморија, а народ без меморија лесно може да ја изгуби својата насока“, порача премиерот.
Осврнувајќи се на македонската заедница во Србија, тој оцени дека нивната приказна претставува пример како може да се создаде нов дом без да се заборави стариот и како може истовремено да се биде лојален граѓанин на државата во која се живее, но и достоинствен чувар на сопствениот национален и културен идентитет.
Мицкоски истакна дека токму таа способност да се зачува сопствениот идентитет, а истовремено да се гради почит кон другите, претставува вредност која може да биде пример не само за Балканот, туку и пошироко.
Во своето обраќање тој зборуваше и за блиските односи меѓу Македонија и Србија, нагласувајќи дека двете држави не ги поврзуваат само политички и институционални врски, туку и заеднички културни вредности, историски искуства и човечки односи.
„Нè поврзуваат луѓето, генерациите кои растеле во исти културни и духовни простори, песните што ги знаеме, книгите што сме ги читале и вредностите со кои сме воспитувани. Балканот напредува кога народите градат доверба и заемна почит, а не кога се оттурнуваат едни од други“, истакна премиерот.
Тој порача дека во време на нови глобални предизвици и геополитички тензии, потребно е да се градат мостови наместо ѕидови и да се зачува блискоста која се создавала низ генерации.
Од Нови Сад, Мицкоски испрати порака на пријателство, почит и заедништво, нагласувајќи дека иднината треба да се гради врз вредностите што ги поврзуваат народите, а не врз разликите што ги разделуваат.
Посебна порака упати до младите Македонци кои живеат во Нови Сад, Панчево, Јабука, Качарево, Зрењанин, Белград, Врање, Ниш, Лесковац и во другите градови во Србија каде живее македонската заедница. Тој ги повика да бидат успешни, образовани и современи, но никогаш да не ги заборават своите корени, јазик и традиција.
Мицкоски оцени дека Војводина и Нови Сад со децении претставуваат простор каде различностите се богатство, а не пречка за заеднички живот, додавајќи дека Македонците имаат свое заслужено и достоинствено место во таа мултикултурна средина.
Во состав на македонската делегација предводена од премиерот беа и вицепремиерот за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков.
На свечената академија свои обраќања имаа и претседателот на Владата на Србија Ѓуро Мацут, претседателката на Покраинската влада на Војводина Маја Гојковиќ, како и претседателката на Националниот совет на македонското национално малцинство во Србија, Зорица Митровиќ.











