Од 1 јули до 31 август се воведува забрана за движење во шумите и шумските подрачја на територијата на државата, со цел превенција и спречување на појава на шумски пожари во периодот на високи температури и зголемен ризик.
Според надлежните институции, движењето низ шумите ќе биде дозволено исклучиво со писмено одобрение издадено од подружниците на ЈП „Национални шуми“ и националните паркови, во зависност од подрачјето со кое управуваат.
Мерката има за цел заштита на шумските екосистеми и намалување на ризикот од човечки фактор како причина за пожари, кои во летниот период се меѓу најчестите закани за природата.
За непочитување на забраната предвидени се високи парични казни. Физичките лица кои ќе бидат затекнати во шумски подрачја без дозвола ќе се соочат со глоба од 1.500 до 2.000 евра во денарска противвредност.
Надлежните апелираат до граѓаните да ја почитуваат забраната и да придонесат кон заштита на шумите и природните богатства во текот на летната сезона.













