ВЛЕН соопшти дека преку своето учество во Владата придонесува за реализација на 306 проекти кои, како што наведуваат, го менуваат изгледот на општините со мнозинско албанско население и носат нов пристап во распределбата на јавните инвестиции.
Од коалицијата истакнуваат дека со години овие општини биле запоставени, а развојните проекти зависеле од партиски интереси наместо од потребите на граѓаните.
„Благодарение на ангажманот на ВЛЕН во Владата, 306 проекти го менуваат изгледот на албанските општини. Ова не е само бројка, туку доказ дека јавните средства се насочуваат таму каде што има потреба од развој, а не таму каде што диктираат политичките интереси“, велат од ВЛЕН.
Посочуваат дека во изминатите денови биле реализирани или започнати четири значајни инфраструктурни проекти во општини предводени од ВЛЕН. Во Тетово била промовирана улицата „Сами Фрашери“, во Желино била завршена делницата Дебрце–Чифлик по повеќе од три децении чекање, во Боговиње започнала изградбата на патот Раковец–Боговиње, а во Дебар продолжуваат инвестициите на улицата „Фуад Дибра“.
Од ВЛЕН оценуваат дека овие инвестиции покажуваат дека со одговорен пристап, политичка волја и институционална соработка, проектите се реализираат и придонесуваат за локалниот развој, подобри услови за живот и економски напредок.
Во соопштението додаваат дека воспоставиле нов стандард на работа, кој, според нив, се мери со реализирани проекти, изградени патишта и инвестиции, наместо со политички декларации.
„Патот што го градиме не е само инфраструктура. Тој е доказ дека заврши времето кога развојот беше диктиран од партиските интереси. Денес одлучуваат проектите, работата и потребите на граѓаните“, наведуваат од ВЛЕН.
…













