Двајца браќа од тетовското село Пршовце се повредени во напад со нож, откако претходно добиле закани и барање за исплата од 100.000 евра, информира Министерството за внатрешни работи.
Според МВР, на 5 јули во 23:35 часот во СВР Тетово, С.А. (41) и неговиот брат А.С. (42) пријавиле дека околу 21:00 часот С.А., додека престојувал во угостителски објект, телефонски бил контактиран од Д.И. (37) од Тетово, кој му побарал 100.000 евра и упатил закани.
Подоцна, двајцата се сретнале на улица „120“ пред маркет, каде што Д.И. пристигнал со мотор. По кратка вербална расправија, ситуацијата прераснала во физичка пресметка. Во еден момент, осомничениот извадил нож и се обидел да го нападне С.А., но бил спречен од неговиот брат, при што А.С. бил ранет. Потоа со нож бил повреден и С.А.
На двајцата повредени им била укажана лекарска помош во Клиничката болница во Тетово.
Истата вечер во 22:20 часот, осомничениот сам се пријавил во Полициската станица Тетово, а во 23:20 часот бил лишен од слобода и задржан за понатамошна постапка.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.













