Градоначалникот на Општина Јегуновце, Димитар Костадиновски, најави нов проект за унапредување на спортската инфраструктура, со кој спортските трибини во повеќе населени места ќе добијат нов изглед.
Според Костадиновски, преку донација од Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се обезбедени вкупно 2.400 нови пластични столчиња, кои ќе бидат поставени на трибините на спортските терени низ општината.
„Со овие столчиња комплетно ќе се опремат сите спортски трибини во повеќе наши населени места. Нашата цел е секое населено место да добие уреден, модерен и пристоен простор каде што заедно ќе ги бодриме младите спортски таленти“, истакна Костадиновски.
Тој упати благодарност до раководството на ФФМ за поддршката и успешната соработка, нагласувајќи дека заедничките напори носат конкретни резултати во интерес на граѓаните.
Градоначалникот додаде дека вложувањето во спортската инфраструктура претставува инвестиција во младите, нивното здравје и развој, најавувајќи дека Општина Јегуновце ќе продолжи со реализација на проекти кои ќе придонесат за подобри услови за спорт и рекреација.













